Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, нападот на браната Каховка го нарече „варварско злосторство“ што доведе до еколошка и хуманитарна катастрофа од големи размери.
Претходно од кабинетот на турскиот претседател соопштија дека Ердоган и Путин разговарале за ситуацијата во Украина, како и за потребата од истрага за уништувањето на браната Каховка.
„Претседателите на Русија и Турција разменија мислења за ситуацијата околу Украина“, се наведува во соопштението.
Според Кремљ, Путин му рекол на Ердоган дека Киев опасно ја ескалира ситуацијата на поттик на Западот, користејќи терористички методи и организира саботажа во Русија. Путин го нарече уништувањето на браната варварски чин што доведе до голема еколошка и хуманитарна катастрофа.
Во соопштението се додава дека двајцата лидери ја истакнале својата посветеност на доследно спроведување на заеднички проекти во енергетиката, трговијата и туризмот и дека се согласиле да одржуваат контакти.