Поранешен офицер за безбедност на Владимир Путин го нарече актуелниот руски претседател „параноичен воен злосторник“.
35-годишниот Глеб Каракулов служел како инженер во претседателската единица за комуникации на Федералната заштитна служба (ФСО), но побегнал од Русија поради војната во Украина.
Каракулов побегна на безбедно преку Истанбул додека беше на службено патување во Казахстан, во октомври минатата година. Пред тоа, тој го придружуваше Путин на повеќе од 180 патувања во претходните 13 години. Не е познато каде живее моментално, пишува „The Independent“.
По истиот пат побегнале и неговата сопруга и ќерка, но одделно. Каракулов тврди дека Путин одлучил да остане „во својот бункер“ и да не патува бидејќи е многу параноичен за обидите за атентат. Во ретките случаи кога патува, наводно е придружуван од предмет висок два и пол метри кој треба да спречи истекување на тајни разговори и прислушување.
Каракулов рече дека рускиот претседател четврта година по ред е во изолација поради страв да не се зарази со коронавирусот, а на персоналот му е дозволено да работи во иста просторија со Путин дури по две недели изолација.
Тој додава дека Путин не користи мобилен телефон или интернет, па неговите сознанија за настаните се филтрирани преку тајните служби, односно она што го гледа на руската телевизија, која е под контрола на државата.
Зборувајќи за војната во Украина, Каракулов апелираше до другите офицери да ги претстават доказите за Путин како „воен злосторник“, велејќи дека војната „пркоси на разумот“.
Одговарајќи на гласините дека рускиот претседател е смртно болен, Каракулов рече дека не знае за веродостојни информации што би потврдиле дека Путин има или имал рак во минатото.
Тој вели дека тоа не е нешто за што се разговара меѓу неговите колеги.
„Ако има некакви здравствени проблеми, тоа мора да е поради неговата возраст. Па, веројатно има некои. Но, претпоставувам ништо премногу сериозно“, заклучил тој.