Рускиот претседател Владимир Путин свика состанок на неговиот Совет за безбедност за понеделник, формат во кој ќе се соберат клучни министри, политички претставници и претставници на безбедносните служби и војската, објави Кремљ.
„Средбата на претседателот со постојаните членки на Советот за безбедност е закажана за утре“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков. Оваа средба ќе се одржи два дена откако експлозија го оштети мостот на Крим.
Руското Министерство за транспорт соопшти дека железничкиот сообраќај преку мостот се одвива според возниот ред. Од друга страна, возачите мора да чекаат со часови за да го поминат мостот, пренесуваат медиумите.
На двете страни на мостот се создадени долги редици бидејќи се вршат строги контроли на возилата. Некои возачи на социјалните мрежи напишаа дека им биле потребни меѓу 6 и 12 часа за да го поминат мостот долг 19 километри.
Путин во саботата и нареди на разузнавачката служба ФСБ да ја зајакне безбедноста на мостот што ја поврзува Русија со Крим, како и инфраструктурата за снабдување со електрична енергија и гас на полуостровот, јави агенцијата Интерфакс од Москва.
Експлозија на Кримскиот мост, стратешки важен патен и железнички објект што го поврзува Кримскиот Полуостров со Русија, во саботата урна дел од мостот со две ленти.
Штетата е голема и еден дел од патот делумно пропадна во водата, а најмалку три лица загинаа, соопштија руските власти.