Рускиот претседател Владимир Путин денеска го предупреди Западот дека директен конфликт меѓу Русија и НАТО предводени од САД би значело дека планетата е на чекор од Третата светска војна.
Тој додаде дека ретко кој сака такво сценарио.
Војната во Украина ја предизвика најдлабоката криза во односите меѓу Москва и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година. Путин, иако често предупредува на ризик од нуклеарна војна, вели дека никогаш не почувствувал потреба да користи нуклеарно оружје во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон минатиот месец изјави дека не може да ја исклучи можноста за распоредување на копнени сили во Украина во иднина. Многу западни земји се оградија од таа позиција, а некои, особено во источна Европа, изразија поддршка за тоа.
На прашањето на Ројтерс да ја коментира изјавата на Макрон и ризикот од конфликт меѓу Русија и НАТО, Путин на шега одговори дека „во современиот свет се е можно“.
„На сите им е јасно дека тоа ќе биде на чекор од трета светска војна во полн обем. Мислам дека малку луѓе се заинтересирани за ова“, им рече Путин на новинарите по победата на претседателските избори.