Рускиот претседател Владимир Путин денеска сепак му честиташе на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД и го пофали за „покажувањето храброст кога вооружен маж се обиде да го убие“ и рече дека Москва е подготвена да разговара со него, пренесува Ројтерс.
„Би сакал да му честитам за неговиот избор за претседател“, рече Путин на панелот за Валдаи во црноморското одморалиште Сочи.
Трамп за време на предизборната кампања рече дека може да донесе мир во Украина во рок од 24 часа доколку биде избран, но не објасни точно како во тој период ќе ја заврши најголемата копнена војна во Европа по Втората светска војна.
Путин денеска изјави дека „она што Трамп го кажа во кампањата за решавање на украинската криза заслужува внимание“.
Тој исто така рече дека Русија е подготвена да разговара доколку Трамп сака да ги продолжи контактите.
Во исто време, Путин денеска ги осуди САД за, како што рече, „намерата да и нанесат стратешки пораз на Русија во Украина“ и рече дека „борбата за формирање на нов светски поредок“ е во тек, бидејќи „ идејата за доминација на Западот се распадна по крајот на Студената војна“.
„Дојдовме до опасна линија“, рече Путин во Сочи, еден ден по објавувањето на победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
„Повикот на Западот да и се нанесе стратешки пораз на Русија, земјата со најголем арсенал на нуклеарно оружје, го покажува прекумерниот авантуризам на западните политичари“, рече Путин.