Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со неговиот најблизок сојузник меѓу лидерите на Европската унија, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Двајцата ја потврдија својата посветеност на билатералните врски во услови на меѓународни тензии поради војната во Украина.
Тие се сретнаа во владината резиденција каде што престојуваше Путин пред почетокот на меѓународниот форум за Кинеската иницијатива „Појас и пат“.
„И покрај фактот што во денешните геополитички услови, можностите за одржување контакти и развој на односите се многу ограничени, можеме да бидеме задоволни што нашите односи со многу европски земји се одржуваат и се развиваат. Една од овие земји е Унгарија“, му рекол Путин на Орбан.
Шефот за односи со медиумите на Орбан, Берталан Хаваси, рече дека Орбан и Путин разговарале за снабдувањето со гас и нафта и прашањата за нуклеарната енергија. Според договорот од 2014 година доделен без тендер, рускиот енергетски гигант Росатом гради нуклеарна централа во Унгарија.
Хаваси рече дека Орбан нагласил дека е од клучно значење за Европа, вклучително и Унгарија, да ги прекине санкциите против Русија и борбите во Украина и да го запре бегалскиот бран. Тој не кажа кој ја иницирал последната средба.
Унгарија никогаш не сакаше да ѝ се спротивстави на Русија и се обидува да спаси билатерални контакти, му рекол Орбан на Путин пред форумот во Пекинг.
Путин и Орбан последен пат разговарале лице в лице на 1 февруари 2022 година, на повеќечасовна средба во Москва, точно три недели пред руската инвазија на Украина.