„Путин се плаши само од еден човек“: Зеленски му открил на Трамп од кого се плаши рускиот претседател

by Fokus

Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри дека му рекол на новоизбраниот американски лидер Доналд Трамп дека Владимир Путин се плаши само од него, а можеби и од Кина.

Зеленски се огласи на мрежата „Х“ по трилатералната средба со Трамп и Емануел Макрон во Париз.

– Му реков на претседателот Трамп дека Путин се плаши само од него, а можеби и од Кина. И тоа е вистината, само решителноста може да ја доведе оваа војна до праведен крај и да обезбеди траен мир – рече Зеленски.

Тој се осврна и на темата која е актуелна изминативе денови, а се однесува на старосната граница за регрутирање во Украина.

„ Во медиумите многу се расправа за намалување на старосната граница за регрутирање на Украинците за да одат на фронт. Мора да се фокусираме на опремување на постоечките бригади и обука на персоналот за користење на оваа опрема. Недостигот од опрема и обука не смееме да го надополнуваме со младите. Приоритет треба да биде обезбедување ракети и намалување на воениот потенцијал на Русија, а не регрутирање Украинци. Целта треба да биде да се зачуваат што повеќе животи, а не да се зачува оружјето во магацините – нагласи претседателот на Украина.

Како што вели, токму тоа била една од темите на трилатералната средба во Париз.

„ Најважно е да работиме заедно како да заврши оваа војна, тоа е нашиот главен приоритет. На средбата во Париз само се фокусиравме на тоа и беше многу продуктивен разговор. Знаеме дека Америка има капацитет да постигне извонредни работи, работи кои другите не можеле да ги постигнат. За да успееме да ставиме крај на оваа војна ни треба единство, единство на Америка, Европа и на сите во светот кои ја ценат безбедноста, како и силни позиции и гаранции за мир – заклучи тој.

По состанокот во Париз, Трамп рече дека Зеленски е подготвен да склучи договор со Путин, што предизвика низа коментари дека мировниот договор е во тек.

Тие гласини дополнително беа поттикнати од самиот Зеленски, кој рече дека неговиот услов за прифаќање на предлогот на Макрон е да и се даде временска рамка на Украина за членство во НАТО.

Поврзани новости