Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг се сретнаа денеска во Астана, на маргините на самитот на Шангајската организација.
„Денес Шангајската организација за соработка е еден од клучните столбови на праведниот светски поредок“, рече Путин.
Тој додаде дека Русија и Кина не формираат никакви блокови, соработката на двете земји не е насочена против некој друг, туку дека Москва и Пекинг дејствуваат во интерес на своите народи.
Путин истакна дека односите меѓу Русија и Кина се најдобри во историјата и дека се градат врз принципите на еднаквост.
„Руско-кинеската соработка во однос на светските прашања е еден од главните фактори за стабилизација на меѓународната сцена. Ние продолжуваме да ја зајакнуваме нашата соработка во таа насока“, рече Путин.
Путин го покани Си на самитот на БРИКС во Казан во октомври оваа година.
Според кинескиот лидер, водењето билатерални преговори на маргините на мултилатералните настани е показател за високото ниво на руско-кинеските односи.
Тој исто така додаде дека посетата на Путин на Кина во мај 2024 година овозможи да се посочат приоритетните области за развој на односите.