Путин: Пригожин одби да се придружи на руската војска

by Fokus

Шефот на руската платеничка вооружена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин ја одбил понудата неговите борци да ѝ се приклучат на руската армија, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

Путин рече дека голем број команданти на руската армија го поддржаа планот Пригожин да командува со овие луѓе, кој беше предложен на заедничка средба во Москва на 29 јуни, пишува Би-Би-Си.

Сепак, Пригожин одговори на предлогот дека „неговите момци не се согласуваат со таквата одлука“, иако Путин наведува дека „многу офицери на Вагнер кимнувале со главите“ додека тој зборувал за предлогот на состанокот.

Припадниците на „Вагнер“ сега обучуваат војници во Белорусија, каде што се од крајот на бунтот против руските сили на 24 јуни, соопшти денеска Министерството за одбрана во Минск, пренесува Ројтерс.

Министерството објави видео на кое наводно се гледа како „Вагнеровци“ тренираат белоруски војници на воен полигон во близина на градот Осиповичи, 90 километри југоисточно од главниот град Минск.

За време на јунскиот бунт, трупите на „Вагнер“ неколку часа го окупираа рускиот воен штаб во јужна Русија и патуваа неколку стотици километри кон Москва. Бунтот заврши со договор кој предвидуваше заминување на Пригожин во Белорусија.

Путин им понуди на своите борци или да им се придружат на редовните руски трупи, или да одат во Белорусија или да се демобилизираат.

Поврзани новости