Рускиот претседател Владимир Путин денеска повика на „итни“ преговори со НАТО и САД за руските безбедносни гаранции во услови на тензии околу Украина.
„Владимир Путин ја истакна потребата од итно почнување преговори со САД и НАТО со цел да се утврдат правните гаранции за безбедноста на нашата земја и да се спречи идното проширување на Алијансата на исток и распоредувањето на вооружените системи во Украина и соседните земји што би биле закана за Русија“, се наведува во соопштението на Кремљ објавено по телефонскиот разговор на Владимир Путин со финскиот претседател Саули Ниист.
Финска е долгогодишен посредник меѓу Русија и западните ривали.
На нивната последна онлајн средба, минатата недела, рускиот претседател побара од американскиот колега Џо Бајден правни гаранции за да се исклучи какво било ново проширување на НАТО, бидејќи Москва смета дека Западот го прекршил своето ветување со отворањето на вратите на Алијансата за земјите од Источна Европа и поранешниот СССР, по распадот на Советскиот Сојуз.
Во таа смисла, евентуалното членство на Киев во Алијансата Русија ќе го смета за црвена линија.
Русија го анектира Крим, украинскиот полуостров, како одговор на прозападната револуција во 2014 година, а Западот во моментов се сомнева дека Русија подготвува нова инвазија на Украина и натрупува свои сили на заедничката граница.