Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој и се наложува на руската влада формално да ја преземе контролата врз украинската нуклеарна централа Запорожје и да ја претвори во „федерална сопственост“. Нуклеарната централа, најголемата во Европа, е под контрола на руските сили, но до сега таму работеше украински персонал.
„Владата на Руската Федерација мора да обезбеди нуклеарните постројки на нуклеарната централа Запорожје и другите средства неопходни за спроведување на нејзините активности да бидат прифатени во сопственост на Руската Федерација“, се вели во документот.
Путин, исто така, и нареди на владата да создаде федерално државно унитарно претпријатие „Запорожје НЕК“ за да се осигура безбедноста на нејзините објекти.
Претходно рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Вершинин изјавија дека нуклеарната централа Запорожје ќе работи под раководство на надлежните ресори на Русија.
Тој додаде дека прашањата за безбедното работење на електраната ќе бидат разгледани за време на посетата на Москва на генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
– Нуклеарната централа Запорожје сега се наоѓа на територијата на Руската Федерација и, соодветно, мора да работи под надзор на нашите надлежни оддели, посочи Вершинин.