Русија ќе регистрира американски имот, вклучително и хартии од вредност, кои би можеле да се користат како компензација за руските загуби поради замрзнувањето на руските средства во САД, се вели во указот потпишан од претседателот Владимир Путин.
Преговарачите на Г7 со недели дебатираа како најдобро да се искористат руските средства вредни околу 300 милијарди долари, во различни големи светски валути и државни обврзници, замрзнати непосредно откако Москва ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Во наредбата издадена денеска се наведени хартиите од вредност, недвижностите, имотите и имотните права на имотот во сопственост на САД кои се предмет на заплена.
Поранешниот претседател Дмитриј Медведев минатиот месец призна дека има занемарлив износ на американски државен имот во Русија и дека секој одговор од Русија би бил асиметричен, што значи дека повеќе ќе се однесува на имотот на приватни лица.
Средствата на голем број странски инвеститори во Русија, вклучително и поединци и големи американски инвестициски фондови, се чуваат на специјални сметки „тип Ц“, воведени од Русија набргу откако испрати војници во Украина и беше погодена од серија западни санкции во февруари 2022 година.
Парите на овие сметки не можат да се префрлат надвор од Русија без дозвола на руските власти.