Рускиот претседател Владимир Путин ја одобри новата руска доктрина за надворешна политика заснована на концептот на „руски свет“ што конзервативните идеолози го користат за да ја оправдаат интервенцијата во странство.
Во „Хуманитарната политика“ на 31 страница, објавена по повеќе од шест месеци војна во Украина, се вели дека Русија треба „да ги штити, зачува и промовира традициите и идеалите на рускиот свет“.
Иако е претставена како еден вид стратегија на „мека“ моќ, таа ги потврдува како официјална политика идеите за руската политика и религија што некои тврдокорни страни ги користат за да ја оправдаат руската окупација на делови од Украина и поддршката за одметнатите проруски ентитети на истокот на земјата.
-Руската Федерација им дава поддршка на своите сонародници кои живеат во странство во остварувањето на нивните права, со цел да се обезбеди заштита на нивните интереси и зачувување на нивниот руски културен идентитет, се наведува во документот.
Во документот се нагласува дека врските со сонародниците во странство ѝ овозможуваат на Русија „да го зајакне својот имиџ на меѓународната сцена како демократска земја која се стреми да создаде мултиполарен свет“.
Со години, Путин инсистира на, како што ја смета, трагичната судбина на речиси 25 милиони етнички Руси кои живеат надвор од Русија во државите создадени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, што тој го смета за геополитичка катастрофа.
Русија сè уште го смета поранешниот советски простор, од Балтикот до Централна Азија, за своја легитимна сфера на влијание, на која многу од тие земји се противат, како и Западот.
Во новата политика се наведува дека Русија треба да ја зголеми соработката со словенските народи, Кина и Индија и дополнително да ги зајакне своите врски со Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка.
Според документот, Москва треба дополнително да ги зајакне односите со Абхазија и Осетија, два грузиски региони кои ги призна по војната со Грузија во 2008 година, како и со два отцепени региони во источна Украина, народните републики Доњецк и Луганск.