Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „нема сомнеж“ во победата на Русија во Украина која според него е „неизбежна“.
Обраќајќи им се на работниците за време на посетата на фабрика за оружје во Санкт Петербург, Путин порача дека ракетите за ПВО кои тие ги произведуваат се три пати повеќе од оние кои ги произведуваат САД.
„Сè на сè, нашата одбранбена индустрија годишно произведува приближно ист број проектили за воздушна одбрана од различни намени како и сите воено-индустриски претпријатија во светот. Нашето производство може да се спореди со светското – рече Путин во разговорот со работниците на „Фабриката Обухов“, која е дел од концернот „Алмаз-Антеј“.
Путин спомена и голем број термини кои, според него, влеваат доверба во победата, пренесоа руските медиуми.
– Од аспект на конечниот резултат и победата, која е неизбежна, има неколку работи кои не исчезнаа и кои се основата на нашата победа. Тоа е единството и солидарноста на рускиот и мултинационалниот народ на Русија воопшто, тоа е храброста и херојството на нашите борци во специјалната воена операција и на линијата на фронтот, и секако, работата на воено-индустрискиот комплекс. Компании како вашата, и луѓето како вас, и целата економија, бидејќи секоја од овие врски: индустријата, состојбата на јавните финансии и социјалната сфера, поврзани со поддршка за семејствата на кои им треба посебно внимание од државата и здравствената заштита – сето ова создава основа за нашиот ефективен развој и победа. Таа е обезбедена. Не се сомневам во тоа – рече тој.
Опишувајќи ја источна Украина како „историска територија “ на Русија, Путин рече дека испраќањето војници во Украина на 24 февруари минатата година било неопходно за да се заштитат луѓето што зборуваат руски и да се „демилитаризира“ и „деназифицира“ Украина за да се спречи таа да претставува закана за Русија.
Украина и Западот ги отфрлија целите на Путин за демилитаризација и „деназификација“ на земјата како изговор за војна по избор и неиспровоцирана агресија.
Путин денеска присуствуваше на комеморацијата на 80-годишнината од пробивањето на опсадата на Ленинград.