Рускиот претседател Владимир Путин на церемонијата на доделување награди во Кремљ објави дека ќе се кандидира за претседателските избори во март 2024 година, пренесоа водечките руски новински агенции.
-Времињата се такви што мора да донесам одлука. Ќе се кандидирам повторно – изјави Путин.
Претходно во петокот Кремљ објави дека „многу луѓе“ го повикуваат претседателот Путин да се кандидира за нов мандат на изборите во март, но дека претседателот ќе ја соопшти својата одлука „кога ќе смета дека е соодветно“.
Руската Централна изборна комисија во петокот објави дека претседателските избори ќе се одржат за прв пат во три дена, од 15-ти до 17-ти март.
Централната изборна комисија планира да спроведе комбинација на онлајн гласање и „традиционално“ гласање со гласачки ливчиња во три изборни дена, што е практика усвоена во текот на пандемијата на Ковид-19.
Запрашан претходно во петокот да коментира за анкетата која покажува дека 70 отсто од испитаниците веруваат дека Путин треба да се кандидира за нов мандат, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков одговори:
„Путин ќе ја објави (својата одлука) кога ќе смета дека е соодветно и корисно. Тоа ќе биде целосно негова одлука“.