Рускиот претседател Владимир Путин по повод Новата година им се обрати на граѓаните опкружени со воени лица и истакна дека одбраната на татковината е света должност на Русите кон нивните предци и потомци.
Тој минатата година ја оцени како година на клучни настани кои ги поставуваат темелите на иднината и независноста и посочи дека Русите покажале храброст и достоинство и ги поддржале учесниците во специјалната воена операција во Украина, пренесе РИА Новости.
„Заедно градиме и создаваме. Главната работа е судбината на Русија“, рече Путин.
Тој рече дека неговата земја никогаш нема да потклекне пред западните обиди да ја искористи Украина како алатка за уништување на Русија во новогодишното обраќање емитувано на руската државна телевизија, објави Ројтерс.
Путин рече дека Русија се бори во Украина за да ја заштити својата татковина и да обезбеди вистинска независност на својот народ.
Тој нагласи дека вистината е на страната на Русија, која го штити својот народ на своите историски територии.
Западните елити со години ја уверуваа Русија за мирољубиви намери, вклучително и во Донбас, но всушност, како што наведе, тие ги поддржуваат неонацистите и се подготвуваат за агресија.
Сега отворено зборуваат за тоа, а народот на Украина се користи за поделба и ослабување на Русија, нагласи претседателот на Русија.
„Никогаш не сме дозволиле никому да го направи тоа и нема да го дозволиме“, рече Путин.
Тој им се заблагодари на учесниците во специјалната операција за нивната храброст и изрази уверување дека Русија ќе ги надмине сите тешкотии и ќе ја одржи земјата голема и независна.
„Отсекогаш знаевме, а денес уште еднаш сме убедени дека суверената, независна, сигурна иднина на Русија зависи само од нас. Од нашата сила и волја“, заклучи претседателот на Русија.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков подоцна прецизираше дека обраќањето е снимено во седиштето на Јужниот воен округ.