Рускиот претседател Владимир Путин одговарајќи на прашања на новинарите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, повторно ја обвини Украина за руска инвазија.
Покрај анексијата на Крим во 2014 година и поддршката на проруските сепаратистички сили во Доњецк, Путин го претстави својот напад врз Украина како нешто што бил принуден да го направи.
„Војната во Украина ја започна украинскиот режим со поддршка на неговите западни спонзори во 2014 година. Бомбардирањето почна во Донбас тогаш – тоа е војна“, рече Путин
„Бев принуден да ги користам вооружените сили како одговор на барањето на Доњецк да ја прекине оваа вооружена операција“, рече Путин.
Путин додаде дека западните земји продолжуваат да „прават се за да обезбедат тактички пораз на Русија на бојното поле“.
Тој рече дека Украина не постигнала никаков успех на бојното поле и дека „нема сомнеж дека повеќе западна воена опрема ќе биде уништена во земјата“.
Путин го нападна и еврејското наследство на Володимир Зеленски, тврдејќи дека тој е „срам за еврејскиот народ“.
Зборувајќи за ескалацијата на војната, Путин вели дека постои „сериозна опасност“ НАТО да биде дополнително вовлечен во конфликтот и дека „нема сомневање дека западните тенкови веќе горат во Украина“.
Зборувајќи за нападите на руската граница, тој вели дека неговите војници може да уништат делови од центарот на Киев како одговор, но поради различни причини одлучил да не го стори тоа.
Путин ги опиша прекуграничните напади, за кои Украина ја негира одговорноста, како обиди да се пренасочат руските сили од други фронтови.
Тој рече дека Русија теоретски може да користи нуклеарно оружје доколку постои закана за нејзиниот територијален интегритет или постоење, но дека тоа не е неопходно.
„Нуклеарното оружје е создадено за да ја обезбеди нашата безбедност во најширока смисла на зборот и постоењето на руската држава, но ние немаме таква потреба да го користиме“, рече Путин.