Рускиот претседател Владимир Путин денеска се закани дека ќе го прекине снабдувањето со енергенси доколку се воведат ограничувања на цените на рускиот гас и нафта, предупредувајќи го Западот дека ќе остане „замрзнат како опашката на волкот во познатата руска бајка“.
Говорејќи на економски форум во источниот град Владивосток, Путин рече дека европските повици за ограничување на цените на рускиот гас се „глупави“ и ќе доведат до повисоки цени на енергенсите во светот и економски проблеми во Европа.
-Нема да испорачаме ништо ако тоа се коси со нашите интереси, во овој случај економски. Ниту гас, ниту нафта, ниту јаглен… Ништо – додаде тој.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски, пак, денеска информира дека земјава и официјално веќе бара поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза.
-Како и во времето на КОВИД, за вакцините, така и сега, поради енергетската криза, ќе ја замолиме ЕУ за сличен пристап. Ние замоливме и преку нашето МНР тоа го правиме. Станува збор за криза без преседан. Земјава е високо зависна од увоз на енергенси и многу ќе ни значи, не само нам, туку на сите во регионот, ако ЕУ од своите фондови за вонредни ситуации одвои помош и за Западен Балкан, рече Пендаровски.