Путин најави признавање на Луганск и Доњецк, почна вежбата на НАТО во Полска

by Фокус

Рускиот претседател Владимир Путин денеска на Советот за безбедност рече дека треба да се разгледа апелот на лидерите на двата сепаратистички региони во источна Украина, Луганск и Доњецк, за Русија да ги признае како независни.

-Заканата за Русија значително ќе се зголеми доколку Украина влезе во НАТО – рече Путин по состанокот на Советот за безбедност, кој се одржува во услови на серија конфликти во источна Украина, за кои западните сили веруваат дека Русија би можела да ги искористи како изговор за напад.

Континуираното гранатирање денеска продолжи во долготрајниот конфликт меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти.

Претходно, водачите на сепаратистичките региони издадоа телевизиски изјави барајќи од Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштити од, како што ја опишаа, тековната воена офанзива на Украина.

Украинските власти негираат дека започнале офанзива и ја обвинуваат Русија за провокација во услови на засилено гранатирање долж линијата за контакт што ги дели двете страни.

Во меѓувреме, долго планираните воени вежби на НАТО „Saber Strike 2022“ денеска почнаа во Полска, каде учествуваат околу 1.300 полски војници.

„Тренинг вежбите како „Sabre Strike 2022“ се планирани однапред и не се поврзани со некоја тековна операција“, се додава во сооппштението на полската армија.

Инаку, во маневарот учествуваат и војници од САД и други земји од НАТО.

Поврзани новости