Разговор меѓу Путин и Макрон, нова рунда преговори во „рибарската куќа“

by Фокус

Иако светските агенции објавија дека преговорите меѓу Украина и Русија во Белорусија завршиле, предмалку започна нова рунда преговори меѓу двете страни.

Белоруската државна новинска агенција БелТА објави дека страните ја напуштиле просторијата за време на паузата, но дека преговорите продолжуваат сега, а делегациите и новинарските екипи се уште не го напуштиле местото на средбата.

Дописникот на „Россија24“, пак, додаде дека новинарите кои сега се во регионот Гомел засега немаат никакви детали од разговорот.

„Зградата во која се водат преговорите фигуративно се нарекува „рибарска куќа“, јави дописникот.

Во меѓувреме, на барање на украинската влада, францускиот претседател Емануел Макрон разговарал со неговиот руски колега Владимир Путин.

Според соопштението од Елисејската палата, Макрон побарал Путин да се погрижи за време на преговорите да бидат стопирани сите удари и напади врз цивилите и нивните домови, да се зачува цивилната инфраструктура и сите главни патишта – особено патот јужно од Киев – да остане безбеден за користење.

Путин, пак, ги кажал условите за решавање на ситуацијата во Украина. Според РИА, тој бара признавање на суверенитетот на Руската Федерација над Крим, демилитаризација и денацификација на Киев и неутрален статус.

Поврзани новости