Српскиот претседател Александар Вучиќ во рамки на форумот „Еден појас, еден пат“ во Пекинг оствари средба со рускиот колега Владимир Путин, а главна тема на разговорите било косовското прашање, како што беше и најавено од двете страни пред средбата.
Како што пренесува РТС, српскиот претседател го информирал Путин за развојот на настаните на Косово и во која насока се движи решавањето на косовскиот проблем, потенцирајќи дека „не ги разбира неверојатните потези на Приштина“.
Рускиот претседател на средбата истакнал дека „Русија со внимание ја следи состојбата околу Косово“, истакнувајќи дека „Москва ќе му пружи поддршка на Белград за Косово.“
На билатералната средба, на која биле разгледани и регионални прашања, Вучиќ се заблагодарил за руската поддршка за „зачувувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата“, притоа покажувајќи му ги на Путин првите фотографии од изградбата на делницата на „Турски тек“ низ Србија.
Со средбата со Путин, Вучиќ ги заокружи консултациите со српските партнери и пријатели пред состанокот во Берлин следниот понеделник, по што, како што информира РТС, ќе донесе важни одлуки за изборите во Србија и позицијата и мерките како одговор на „низа еднострани, дискриминаторски потези на Приштина“.
Вучиќ вчера во Пекинг се состана и со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ја потврдил неговата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија.
Претседателот на Србија в понеделник ќе присуствува на состанокот во Берлин, на покана на канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Вучиќ изјави дека не очекува ништо од тој состанок, дека не е оптимист, но и дека по неколку негативни сигнали ќе биде интересно да се слушне дали Германија и Франција ја сакаат Србија во ЕУ или не.