Путин му се заблагодари на Мицотакис што ја призна вакцината „Спутник В“

by fokus

Билатералната соработка, енергетиката, туризмот, инвестициите, климатските промени, пандемијата, односите на Русија со ЕУ и НАТО, Балканот, Источниот Медитеран, кипарското прашање, биле дел од темите за кои разговарале рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната средба во Сочи, јави дописничката на МИА од Атина.

-Нашите односи традиционално се градат во духот на добрососедството, покриваат широк спектар на области на соработка и имаат взаемно корисен карактер на еден партнерски однос. Токму ова беше духот на денешните разговорите со Мицотакис. Беа сеопфатни и ефикасни, истакна Путин.

Рече дека и покрај тешкотиите што ги создаде пандемијата, трговијата меѓу двете земји е на ниво пред пандемијата, а во првите девет месеци од годинава се зголемила за 56 отсто.

Му се заблагодари на Мицотакис што Грција ги призна руските сертификати за вакцинација со Спутник В, се осврна и на енергетиката, велејќи дека Русија обезбедува над 40 отсто од потребите на Грција, а снабдувањето веќе е и преку новиот гасовод.

-Русија целосно ги исполнува своите обврски кон Грција и кон потрошувачите од европските партнери, истакна рускиот претседател и додаде дека се подготвени да ја надградат соработката во оваа област.

Грчкиот премиер истакна дека имале долга искрена и продуктивна дискусија за билатералните односи и нивната перспектива, истакнувајќи дека средбата ја гледа како „уште еден мост за зајакнување на односите меѓу двата народи и можност да се прошири соработката меѓу двете Влади врз основа на взаемната почит и заедничкиот интерес“.

Поврзани новости