Путин му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве

by Fokus

Рускиот лидер Владимир Путин му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, соопшти Министерството за информации на оваа африканска земја.

„Неговата екселенција, претседателот Путин и подари на неговата екселенција на претседателот Емерсон Дамбуџо Мнангагва претседателски хеликоптер кој наскоро ќе биде доставен во Зимбабве“ – објави Министерството на Твитер.

Путин и Мнангагва претходно одржаа состанок на маргините на самитот во Санкт Петербург, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.

Министерот за надворешни работи и меѓународна трговија на Зимбабве, Фредерик Шава, претходно изјави за ТАСС дека африканската земја размислува за купување дополнителни хеликоптери од руско производство.

Во Конгресниот центар во Санкт Петербург од 27 до 28 јули се одржува вториот руско-африкански самит.

Паралелно со настанот се одржува и економско-хуманитарен форум. Како и претходниот самит, така и овој се одржува под мотото „За мир, безбедност и развој“.

 

Поврзани новости