Путин му подари автомобил на Ким Џонг Ун

by Fokus

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун добил автомобил од рускиот претседател Владимир Путин како подарок „за лична употреба“, објавија денеска официјални медиуми, што може да биде кршење на санкциите на ОН усвоени од Москва против Пјонгјанг.

Двете земји воспоставија поблиски врски откако Ким и Путин се сретнаа во септември и ветија дека ќе промовираат размена во сите области додека нивната меѓународна изолација се продлабочува поради руската војна во Украина и развојот на нуклеарно оружје на Северна Кореја.

Автомобилот од руско производство беше предаден на соработниците на Ким на 18 февруари, објави официјалната севернокорејска новинска агенција KCNA.

Сестрата на Ким „љубезно и ја пренесе на руската страна благодарноста на Ким Џонг Ун до Путин, велејќи дека подарокот служи како јасна демонстрација на посебните лични односи на највисоките лидери“, објави КЦНА.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја соопшти дека внимателно ја следи соработката меѓу Русија и Северна Кореја, истовремено повикувајќи ги двете земји да ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

„Санкциите на Советот за безбедност забрануваат директно или индиректно снабдување, продажба или пренос во Северна Кореја на сите транспортни возила меѓународно категоризирани како HS код 86 до 89, без оглед на нивното потекло, вклучувајќи ги и луксузните автомобили“, рече портпаролот на министерството Лим Со-сук на прес-конференција.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за руската државна новинска агенција РИА изјави дека корејскиот лидер добил автомобил „аурус“.

Според веб-страницата на производителот на автомобили, автомобилот е првиот голем луксузен седан во Русија.

Поврзани новости