Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска разговараше со претседателот на Русија, Владимир Путин, дознава „ало.рс“.
Путин во телефонски разговор му честитал на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ за убедливата победа на претседателските избори и за многу значајната победа на СНС на парламентарните избори.
Во оваа прилика на претседателот Вучиќ му посакал среќа и успех на одговорната функција шеф на државата и напредок на Србија во следните пет години, со убедување дека Србија и Русија ќе ги зачуваат вистинските пријателски односи. Претседателот Вучиќ се заблагодарил за честитките и рекол дека Република Србија ќе продолжи да ја води политиката на европски пат, притоа зачувувајќи ги своите искрени и традиционални пријателски односи со Руската Федерација.
Двајцата претседатели ја анализирале економската состојба и билатералните односи во областа на енергетиката и трговијата, кои бележат раст во 2021 година и првите два месеци од 2022 година, што е добар знак за нивната успешна соработка.
Претседателот Вучиќ го информирал претседателот Путин за тешкотиите со кои се соочува Србија при увозот на сурова нафта и изразил уверување дека раководството на Гаспромњефт и Република Србија, како и партнерите од ЕУ, ќе најдат излез од таквата ситуација.
Путин го информирал Вучиќ и за настаните во Украина и причините според кои Русија се раководи за спроведување на таканаречените „операции“ во Украина, а претседателот Вучиќ пак, се повикал на веќе добро познатите ставови на Србија и на заклучоците на Советот за национална безбедност, изразувајќи надеж дека конфликтот во Украина ќе заврши што е можно поскоро, пренесува „ало“.