Рускиот претседател Владимир Путин ја одржа својата годишна прес-конференција. Минатата година беше откажана поради војната во Украина, но оваа година тој реши да ја одржи.
Путин рече дека војната во Украина ќе продолжи се додека Киев не се согласи на договор кој ќе ги земе предвид безбедносните грижи на Русија и нагласи дека целите на „специјалната воена операција“ ќе бидат постигнати „со добро или на сила“.
Одговарајќи на прашања на традиционалната годишна прес-конференција, Путин рече дека целите во Украина не се променети и дека руските сили напредуваат на повеќето фронтови. Главните цели, како што рече, остануваат денацификацијата, демилитаризацијата и украинската неутралност. „Мирот ќе завладее кога ќе ги постигнеме овие цели“, порача тој.
„Што се однесува до демилитаризацијата, ако тие (Украинците) не сакаат договор, тогаш ние сме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени. Или ќе се договориме за одредени параметри (големината и силата на украинската армија) или ќе го решиме тоа со сила“, предупреди тој.