Рускиот претседател Владимир Путин денеска на церемонијата на подигнување на знамето на нуклеарните подморници „Краснојарск“ и „Императорот Александар Трети“ изјави дека им нема рамни во светот и дека се „застрашувачки“.
Путин беше во северниот град Северодвинск, каде што рече дека руската морнарица се зајакнува со најсовремена опрема и оружје.
„Наскоро `Александар Трети` и `Краснојарск` ќе почнат да го надгледуваат Пацификот“, рече Путин.
Според Спутник, во тек е изградбата на уште пет подморници, од типот „Јасен М“, а во завршна фаза е и крстосувачот „Архангелск“.
Според официјалните податоци, „Краснојарск“ е повеќенаменска нуклеарна подморница од проектот „Јасен-М“. Припаѓа на четвртата генерација на подморнички бродови.
Официјално е објавено дека овие подморници се вооружени со крстосувачки ракети „Оникс“ и/или „Калибар“.
Се планира нивно вооружување со хиперсонични ракети „циркон“.