Рускиот претседател Владимир Путин ги советуваше новинарите помалку да читаат американски медиуми, пренесува „Раша тудеј“.
Забелешката дојде на прес-конференција во Бишкек, главниот град на Киргистан, како одговор на прашање за извештаите дека руската воздухопловна база Кант во Киргистан е напуштена поради конфликтот во Украина.
„Американските медиуми велат дека целата опрема е во Украина, а базата Кант е напуштена“, изјави на прес-конференција новинар од весникот „Известија“. Новинарот не прецизираше кои американски медиуми изнесуваат такви тврдења.
„За џабе ги читате американските медиуми“, одговори Путин.
Тој додаде дека американските медиуми многу често ја искривуваат реалноста, наведувајќи дека треба да го слушаат само поранешниот претседател на САД.
„Слушајте го, тој ќе ви даде добар опис на моменталното ниво на развој на американските медиуми. Американските медиуми ќе ве научат на лоши работи“, рече Путин.
Тој на новинарот му одговори дека воената база Кант е активна и продолжува да делува како „фактор за одвраќање за разни екстремисти“, дека таму има и активна авијациска единица која вклучува борбени авиони и хеликоптери.