Путин: Економијата на ЕУ е на нула поради обидите да се напушти руската енергија

by Fokus

Земјите од ЕУ се обидуваат целосно да ги напуштат руските енергетски ресурси, поради што целата нивна економија е на нула, изјави рускиот претседател Владимир Путин на пленарната седница на „Неделата на руската енергија“.

„Европските земји се обидуваат да ги напуштат нашите енергетски ресурси, кои со години ја обезбедуваа економската и социјалната благосостојба на Европската унија. Се воведоа ограничувања за банкарски услуги, превоз на стоки, осигурување, беа воспоставени таканаречени ценовни лимити за нашите нафта и гас“, рече Путин.

Тој зборуваше за ефектот на овие одлуки врз самите европски земји.

„Тие сега плаќаат многу повисоки цени за набавка на нафта, нафтени деривати и гас, а како резултат на тоа, економијата на ЕУ е на нула“, нагласи Путин, пренесува РИА Новости.
Според него, руската нуклеарна индустрија практично нема конкуренција во светот.

„Руското инженерско училиште за изградба и одржување на нуклеарни постројки не само што е силно, туку практично нема конкуренција на глобално ниво. Специјалистите на Росатом истовремено градат 22 блока во странство. Тоа е приближно 80 отсто од светскиот пазар“, изјави рускиот претседател, пренесе Танјуг.

Главен приоритет во енергетскиот комплекс е обезбедувањето на националниот пазар, посочи Путин и додаде дека Руската Федерација ќе ги зголеми своите капацитети.

Тој посочи дека светската економија постепено се движи кон мултиполарен модел од повеќе центри за раст, а местото, улогата и важноста на секоја земја зависи од тоа како таа ги доживува овие длабоки и неповратни процеси.

Поврзани новости