Путин: Досега немаше потреба, но Русија е подготвена да употреби нуклеарно оружје во случај на закани

by Fokus

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека денеска земјата е подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку постои закана за руската државност, суверенитет или независност.

Говорејќи за руските медиуми, Путин рече дека се надева оти САД ќе избегнат каква било ескалација што може да доведе до нуклеарна војна, но нагласи дека руските нуклеарни сили се подготвени за тоа.

Тој посочи дека до сега немало потреба од употреба на нуклеарно оружје во Украина и изрази уверување дека Москва ќе ги постигне своите цели во Украина, како и дека е отворен за разговори, но за секој договор ќе бидат потребни цврсти гаранции од Западот.

Путин рече дека земјите од колективниот Запад се немоќни поради руската специјална воена операција во Украина и пред единството на рускиот народ. Тој во интервју за „Русија 1“ и „РИА Новости“ изјави дека западните елити не сакаат покрај себе огромна земја како Русија и сакаат да ја поделат.

– На почетокот на руската специјална воена операција во Украина, западните земји беа среќни и веруваа дека ќе успеат да ја уништат Русија преку санкции, оружје и украински националисти. Тука се роди слоганот „нанесување стратешки пораз на Русија на бојното поле“ – истакна Путин.

Меѓутоа, според неговите зборови, западните земји подоцна сфатиле дека не е веројатно да и се нанесе стратешки пораз на Русија.

– Тие сфатија дека наместо стратешки пораз, се соочија со својата немоќ. Тие се соочија со немоќ пред единството на рускиот народ, пред темелните основи и стабилноста на рускиот финансиски и економски систем и пред растечките капацитети на вооружените сили на Руската Федерација – додаде Путин.

Рускиот претседатл нагласи дека Русија не се меша во никакви избори и дека ќе работи со кој било избран претседател на САД.

-Ние на ниту еден начин не се мешаме во никакви избори. Како што многупати кажав, ќе работиме со секој лидер во кој гласачкиот американски народ има доверба – рече тој.

Коментирајќи го изборниот циклус во САД оваа година, Путин рече дека тој станува се понецивилизиран и дека политичкиот систем во Америка не може да се нарече демократски.

Поврзани новости