Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска го слави својот 72 роденден, а тоа ќе биде 21-ви пат да го дочека својот личен празник на една од важните функции во Руската Федерација.
Како и претходните години, Путин роденденот ќе го прослави на работа, бидејќи првиот дел од денот беше предвиден за приватни работни состаноци, а попладне средба со лидерите на земјите од ЗНД во Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател „не може да си дозволи ниту еден ден целосен одмор“. Ниту во текот на денот, претседателот нема одредено време за пауза, а понекогаш добива извештаи во текот на ноќта.
Песков рече дека Путин е „буквално на должност 24 часа на ден“.
Путин никогаш јавно не зборува за својот роденден и се обидува да избегне да привлекува непотребно внимание на тоа.
– Роденден ми е, а не државен празник. Ми се чини дека би било нескромно да се нагласи важноста на тој настан – нагласи Путин, говорејќи во една прилика за неговиот роденден.
ТАС пишува дека рускиот претседател претпочита да го слави роденденот со пријателите и роднините и дека се труди да одвои барем една вечер за семејството и покрај бројните обврски. Сепак, средбата со лидерите на земјите од ЗНД на 7 октомври веќе стана „добра традиција“.