Се повоинствениот руски претседател Владимир Путин би можел да го нападне НАТО за помалку од една деценија, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
-Речиси секој ден слушаме закани од Кремљ… затоа мораме да земеме предвид дека Владимир Путин еден ден би можел дури и да нападне земја на НАТО – изјави Писториус за германскиот весник „Тагесшпигел“.
Нашите експерти, додаде тој, очекуваат дека тоа би можело да се случи во период од пет до осум години.
По сеопфатната инвазија на Украина, Русија драматично ја засили својата агресивна реторика против некои од нејзините соседи, вклучително и балтичките земји и Полска, кои се и членки на НАТО, како и Молдавија, што ги натера највисоките европски претставници на одбраната да предупредат на ризик од голем конфликт.