Но, не е сѐ така црно во областа на борбата против корупцијата. Официјално вториот човек во СДСМ и задолжен за борбата со корупцијата, Љупчо Николовски нѐ извести дека е запленет путер со поминат рок, триумфално, наведувајќи дека здравјето на граѓаните е пред сѐ и над сѐ.
Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
Секогаш сум говорел дека власта, СЕКОЈА власт забегува во вториот мандат. Нашето практично искуство тоа го докажува. Така беше со СДСМ во 1990-тите, кога по 1994 година почна супер арогантното владеење и разграбување на општествената сопственост, општа пљачка и раскрчмување на државата.
Децениското владеење на ДПМНЕ е за во книги. По релативно добар старт од првите три години, моментот на организирано носење контрапротестанти на плоштад и тепање студенти од Архитектонски, поради искажување незадоволство од планираната црква на плоштад е вмровското преминување на Рубикон. Од тогаш, па сѐ до крајот на владеењето, контрапротестантите станаа заштитен знак на ДПМНЕ, кулминирајќи со срамниот 27 април.
СЕ ЗАБЕГУВА ВО ВТОРИОТ МАНДАТ
Дежавуто продолжува и со ова владеење на СДСМ. Првите две-три години „као“ имаа слух за граѓаните, се реагираше на нивните реакции, се менуваа скандалозните функционери. И пред две години прогнозирав, а не треба да сте гениј за да го разберете тоа, дека таа состојба на релативно приемчива власт, нема да потрае. Нашите политичари, кој од кој понеизживеани, многу лесно ги опива моќта и кешот.
СДСМ и формално веќе влегува во условно речено втор мандат и нивниот однос тоа јасно го покажува. Наместо ВЕДНАШ да го избрише скандалозниот Рашковски по аферата со сообраќаен систем на МВР, кој го патентирал, па си го продал сам на себе, Заев го брани. Внимавајте, МВР не ни знаело за набавката. Дополнително, Министерството си има свој оддел за јавни набавки, а, сепак, купувањето одело преку Генералниот секретаријат со кој командуваше, погодувате токму Рашковски.
Преку новинарски истражувања се узна дека токму таков систем Рашковски има патентирано и со речиси идентичен назив. И наместо премиерот да го исшутира, па и процесуира, истиот го брани. Затоа што нашите политичари бараат лојалност, а не чесност. Тие се критериумите. Да не беа тие, искомплексиран лик како Драги Рашковски не би ни припарил до владин кабинет.
ОДМАЗДНИЧКА АКЦИЈА ЗА АПСЕЊЕ НА КАМЧЕВ
Најновото апсење на супер опскурен лик како Јордан Камчев е ништо освен одмаздничка акција. ДПМНЕ е пред расцеп, СДСМ ќе си обезбеди нова победа на локалните избори поради сѐ поизвесните двојни листи на ВМРО во октомври и апсењето на Камчев е удар по финансиите на грогираното ДПМНЕ. Без неговиот кеш, ДПМНЕ може да се надева на реприза од катастрофалните за ним локални избори одржани во 2017 година.
Но, не е сѐ така црно во областа на борба против корупцијата. Официјално вториот човек во СДСМ и задолжен за борба со корупција, Љупчо Николовски нѐ извести дека е запленет путер со поминат рок, триумфално наведувајки дека здравјето на граѓаните е пред сѐ и над сѐ.
Не очекував од Николовски, за кој сѐ уште имам високо мислење, ваква небулоза. Не знам со какви советници се опкружува, но очигледно се клатиглавчиња штом ниту еден од нив пријателски не му укажал дека ова ќе наиде на потсмев од генералната јавност, минус ракоплескачите на владејачката партија. Секако, доколку не се работи за интенционален спин. Во тој случај им е путер, сѐ додека не дојде на ред нова афера што треба да се покрива, некој нов путер, со или без изминат рок.