Хрватската министерка за надворешни работи, Весна Пусиќ, денеска на вонредна пресконференција изјави дека до овој момент се уште нема потврда ниту од хрватска, ниту од египетска страна дека на снимката што е објавена е навистина Томислав Салопек.
-Не сме сигурни и немаме потврда дека се работи за Салопек, a интензитетот во потрагата не се намалува, рече Пусиќ пред новинарите.
Таа не сакаше да зборува за преговорите со џихадистите, ниту пак да открие детали. Сепак, сомнежите се дека се работи за две различни организации на Исламската држава.
-Бaрањата беа специфични. Прво се обратија на интернет, потоа бараа пари од компанијата каде што работи Салопек, за на крај да заборават на парите и побараа ослободување на жени од затворот во Египет. Сето тоа укажува дека с е работи за две организации, изјави Пусиќ.
Џихадистите вчера објавија форографија на која наводно е убиениот Хрват Томислав Салопек, а денеска објавија и аудио снимка за која тврдат дека е од егзекуцијата на Салопек.