Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во присуство на заменик амбасадорката на САД Никол Варнс, денеска и официјално е пуштена во употреба лабораторија за дигитална форензика.
Со поддршка на Амбасадата на САД се набавени неопходните хардверски и софтверски компоненти за хардверско и софтверско опремување во областа на дигиталната форензика во вредност од околу 500.000 американски долари.
Опремата вклучува најсовремени форензички станици за работа во лабораториски услови, лап топ компјутери, ултраблок китови со врајт блокери за различни видови носачи на електронски податоци што ќе бидат предмет на анализа, како и форензички софтвери што се користат за исчитување и анализа на одземена или запленета електронска опрема.
Во лабораторијата за дигитална форензика ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски уреди со цел да се пронајдат електронски докази што ќе бидат корисни за понатамошниот тек на постапките и кои како валидни, законски прибавени докази ќе се користат во постапка и пред судот.
Воедно, за потребите на аналитичкиот центар во Обвинителството, Амбасадата на САД донираше софтверска алатка Analyst’s Notebook 10 со помош на која се овозможува големи количини на податоци да се претворат во визуелни дијаграми, како мрежи на односи, временски линии и шеми на настани и на тој начин полесно да се откријат скриени врски и модели.
Основниот јавен обвинител Ислам Абази се заблагодари на несебичната поддршка на Амбасадата на САД која ја донираше оваа вредна опрема истакнувајќи дека со оваа донација се овозможува обвинителството самостојно да дојде до електронските докази што се наоѓаат на електронските медиуми, а сѐ тоа е во интерес на постапките и намалување на времето за постапување. На овој начин ќе се растовари и лабораторијата на МВР во која досега се вршеше анализа на компјутерска опрема и мобилни телефони – предмет на кривични дела за потребите на сите обвинителства.
„Иако станува збор за најсофистицирана опрема за анализа, треба да се има предвид дека развојот на технологијата води кон појава на различни видови уреди и медиуми што утре ќе бидат предмет на анализа и тој факт ја налага неопходноста од континуиран развој на лабораторијата не само со набавка на хардверски и софтверски компоненти, туку и со обука на кадри. Воедно, софтверската алатка Analyst’s Notebook 10 ќе ни помогне во остварување на нашата основна функција како обвинителство, а тоа е гонење на организираниот криминал. Со помош на оваа алатка на обвинителите и истражителите ќе им се овозможи визуелизација на прибраните податоци во форма на визуелни прикази – чартери, мапи или дијаграми, кои брзо го покажуваат начинот на кој се поврзани, што е од голема полза за идентификување на криминални организации и групи, следење на осомничени или разбирање на сложени ситуации. На тој начин преку побрзо и поефикасно анализирање на комплексни податоци обвинителите ќе можат да носат информирани одлуки“, истакна Абази.