Пуштен вториот блок на РЕК Битола

by fokus

Во насока на обезбедување стабилност на електроенергетскиот систем, од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола, што значи дека комбинатот работи со двата блока како што беше предвидено, соопштија попладнево од Владата.

-Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од страна на АД ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена, и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи. АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата.
Дополнително, кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија.
Донесена беше и мерка за намалување на ДДВ кај електричната енергија во јули годинава. Целта на оваа мерка беше токму заштита на стандардот на граѓаните, односно да се овозможи пониска цена и намалување на трошоците на домаќинствата. Ние како држава не можеме да влијаеме на случувањата на светските берзи, и токму затоа правиме напори преку АД ЕСМ и зголемувањето на производството да обезбедиме дополнителни количини на електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите, велат од Владата.

Поврзани новости