Истрели на протестите во Техеран, полицијата тврди дека не пукала

by fokus

Видео-снимки објавени на социјални медиуми регистрирале пукање во близина на иранските протести покренати откако Техеран призна дека по грешка го урнал патничкиот авион, на што веднаш одговори полицијата, тврдејќи дека не пукала кон демонстрантите.

Не беше можно веднаш да се провери автентичноста на снимките објавени доцна во неделата, на кои има и крв на земја и луѓе со пиштоли, кои се чини дека се членови на безбедносните сили, јавија западни медиуми.

Другите снимки покажуваат дека полицијата со униформи ги тепа демонстрантите со палки, додека луѓето во близина викаат „Не ги тепајте!“

„Полицијата апсолутно не пукаше во демонстрантите бидејќи полицајците во главниот град добија наредби да покажат воздржаност“, изјави денеска шефот на полицијата во Техеран, Хосеин Рахими.

Иранските демонстранти во неделата ги повикаа водачите да се повлечат, откако војската призна дека по грешка го урнала украинскиот авион.

„Тие лажат дека нашиот непријател е Америка, нашиот непријател е тука“, извикуваа десетици демонстранти пред универзитетот во Техеран, прикажани на снимките кои кружат на Твитер. Бројни демонстранти се собраа и во други градови.

Западни медиуми не можеа да ги проверат објавите на социјалните медиуми, но државните медиуми во Иран јавија за протестите во саботата што избувнаа откако иранската војска се извини за случајно уривање на украинскиот авион во средата, при што загинаа 176 лица. Бројни патници на летот биле двојни државјани на Иран, а 57 имале канадски пасош.

 

 

Поврзани новости