Пукал во него неколкупати, па избегал и се уште е во бегство

by Fokus

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 44-годишник, на 31 март, во казино на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје со умисла лишил од живот едно лице.

Како што стои во соопштението на Обвинителството, осомничениот, жртвата и уште две лица заедно дошле во казиното и играле на покер апаратите.

Помеѓу осомничениот и оштетениот дошло до вербална расправија и започнале да се туркаат, по што осомничениот успеал да го земе пиштолот што оштетениот го носел во појасот и пукал неколкупати во него. Потоа повеќе пати со рачката од пиштолот го удрил оштетениот во пределот на главата и избегал.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Бидејќи тој во моментот е недостапен на органите на прогонот, доколку биде прифатен предлогот на обвинителот, мерката ќе започне да се извршува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.​

Поврзани новости