Македонската Радио Телевизија го објави конкурсот за избор на претставник и композиција со која Македонија ќе настапи на Евросонг 2022 година во Торино, Италија.
За разлика од изминатите години, кога претставниците беа избирани од страна на жири комисија од националниот сервис, годинава и публиката ќе се вклучи во изборот.
-Од сите пристигнати композиции на конкурсот, МРТ ќе ги избере најдобрите, но не повеќе од шест композиции. Избраните композиции ќе ѝ бидат јавно презентирани на публиката, која по пат на транспарентно гласање ќе учествува во изборот на нашиот претставник за Евросонг 2022.
Резултатот од гласањето на публиката ќе обезбеди 50% од вкупните гласови, а преостанатите 50% ќе бидат обезбедени од меѓународно стручно жири- информираат од МРТ.
Право на учество на конкурсот имаат сите изведувачи и автори-државјани на Македонија. Во авторско-изведувачкиот тим, право на учество имаат и автори вон нашата држава, додека изведувачите подлежат на обврската задолжително да се наши државјани.
Во изминативе години чести беа реакциите на јавноста околу начинот на избор на песна за Евросонг. Јавноста бараше да се врати стариот начин на избор, односно претставникот да се избира со гласање од публика, на фестивал или пак во музичка емисија наменета за таа цел.
Вики Клинчарова