„Дај 400 евра и ќе те пуштиме да ја преминеш границата“. Со оваа реченица наводно Ромите биле пречекувани на еден од македонските гранични премини, при обидот да ја напуштат државата, обвинуваат од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).
Од партијата објаснуваат дека во партијата дошол граѓанин, со иницијали С.Б. и им кажал дека давањето на мито е добро организирано.
-Дојдов да кажам бидејќи ми е жал за моите Роми, разбрале за ова и сите продаваат дома што имаат за да платат на граница и да заминат. Велат доаѓа зима, што ќе правиме тука, немаме дрва, немаме пари да платиме струја, социјално нема за што да седиме тука, рекол С.Б. а пренесуваат од ПЦЕР.
Опозициската партија од ромскиот политички блок вели дека за ова изнудување ќе ги информираат сите амбасадори во Македонија и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Аиво Орав.
-Ќе го информираме и министерот за ванатрешни работи и ќе го потсетиме на нашето писмо од протестите, на кое што уште нема одговор. Ова што се прави на граничните премини со Ромите е срамота и гревота – земање пари од сиромашните граѓани, реагира ПЦЕР.