Пишува: м-р Марија Младеновска Димитровска, психолог
Kако психолог, но и како професор и родител, чувствувам пред се професионална, но и морална обврска, најдобронамерно да укажам на некои работи и да упатам апел, во врска со самата организација и реализација на он-лајн наставата. Како човек кој директно е вклучен во наставниот процес, но и како стручен соработник-психолог, кој и во овој период на изолација, работам со луѓе и давам психолошка помош он-лајн и непосредно сум запозната со проблематиката со која се соочуваат и наставниците и учениците, чувствувам должност и морална обврска да реагирам и да апелирам на дополнителниот притисок кој им се задава на сите инволвирани страни во воспитно-образовниот процес.
Воведувањето на вонредна состојба и прекинувањето на редовниот наставен процес, пред нас како општество и како образовен систем стави нов предизвик да се реорганизираме и прилагодиме на нов тип настава, он-лајн настава или настава на далечина.
Прво, да истакнам дека го поздравувам и поддржувам организирањето на он-лајн наставата, која ќе помогне во овие моменти на криза и изолација, на одреден начин да се надомести образовниот процес и ќе им помогне на учениците и на професорите да го организираат и времето и да креираме една дневна, работна рутина, која покрај ангажман со секојдневните работни училишни обврски, ќе ни помогне на сите и да ги оттргнеме мислите од ситуацијата со пандемијата и креативно да го исполниме времето.
Но, сепак, сметам дека интензитетот и начинот како се одвива он-лајн наставата, веќе ги покажува своите негативни страни и негативното влијание пред се на психолошкото здравје и на учениците, но и на наставниот кадар и родителите, и долгорочно ќе има контраефекти. Притисокот го чувствуваме сите.
Во вакви услови на светска пандемија, кога се наоѓаме во вонредна состојба, наставата треба(ше) да се изведува по скратена програма, а не да се форсира комплетно спроведување и реализација на наставната програма. Секојдневно ги бомбардираме и учениците, а и наставниот кадар со милион информации и барања, кои никој од нас веќе не е во состојба да ги следи и процесира.
Сакам да укажам дека треба да имаме предвид во каква кризна состојба се наоѓаме и дека целата полулација е изложена на стрес. Никој не може да знае до кога ќе трае оваа состојба. Секој од нас како поединец, во ваква ситуација е сосема нормално да биде пред се загрижен за своето здравје и здравјето на своите најблиски, некои се соочуваат и со заболени блиски или познати, некои ги трпат и економските последици од кризата, кои не смееме да ги занемариме, а веќе се соочуваме и со психолошките последици од долготрајната изложеност на стресот, со последиците од изолацијата, така што барањата да се спроведува целосно он-лајн наставата, веќе ги исцрпува психолошките граници на издржливост на сите вклучени во воспитно-образовниот процес.
Психолошките последици од стресот и изолацијата се бројни и воопшто не се за занемарување. Тоа се нарушувања на емотивен план, анксиозност, страв, немир, раздразливост, напнатост, бес, гнев, претерана осетливост, лутина, избувливост, депресивност, промени во расположението и однесувањето, потиштеност, немоќ, промени на когнитивен план, проблеми во концентрацијата, вниманието, проблеми во способноста за учење и помнење, конфузност во мисловниот процес итн.
Никој од нас, кој на директен (било како професор или ученик) или на индиректен начин (како родител) е вклучен во воспитно-образовниот процес, веќе не може да ги проследи сите информации со кои сме секојдневно бомбардирани, во врска со изведувањето на он-лајн наставата. Да бидеме реални, веќе никој од нас не може да процесира во колку он-лајн групи е вклучен и колку информации, задачи и задолженија во текот на денот добива и испраќа.
Треба да бидеме свесни дека секој поединец кој е изложен на долготраен стрес, не е во состојба продуктивно и успешно да функционира како во нормални околности. Значи, да имаме предвид дека ниту еден од нас, колку и да има силни капацитети на личноста и колку и да користи успешни стратегии за управување со стресот, не е имун на стресот, и не е во состојба на когнитивен, емоционален и бихејвиорален план да функционира како во нормални околности.
Од наставниците се бара да спроведат он-лајн настава и он-лајн оценување, а се заборава на фактот колку од наставниот кадар има ресурси и е подготвен технички и колку од наставниците имаат информатички вештини за спроведување он-лајн настава. Се поставува и прашањето колку од учениците имаат технички можности да следат он-лајн настава, а и родителите со колку ресурси, знаења и информатичка писменост располагаат за да можат да им помогнат на своите деца, да ги совладаат сите барања и задачи кои им се задаваат. Треба да бидеме свесни дека не секој ученик или наставник има дома компјутер со неограничен пристап до интернет, не секој може и знае како да инсталира програми и да се приклучи на разни он-лајн платформи, да изработува и следи презентации, видеа, да подготвува или пополнува он-лајн тестови итн.
Со барањата за спроведување на он-лајн оценување се прави дополнителен притисок и врз наставниците и врз учениците. Се поставува прашањето колку тие оценки би биле валидни. Кој би бил ефектот од таквото оценување, освен само дополнителен стрес за сите. Се инсистира на следење он-лајн презентации, задавање домашни задачи, упатства, материјали, проектни активности он-лајн, изработка на проекти, водење на електронско портфолио за секој ученик со изработени домашни задачи и наставни ливчиња, тестови, есеи, вклучување по неколку пати во денот за следење на он-лајн часови на учениците.
Треба да бидеме свесни колкав е психолошкиот притисок врз учениците и наставниците. Како ученик ќе процесира барања од најмалку 12 наставници со кои комуницира во различни он-лајн групи и кои во различно време од денот бараат да се вклучат на он-лајн часови, или како наставник ќе изменаџира по 100 до 200 ученици од најмалку десетина паралелки во кои предава, на кои им задава задачи, проекти, и потоа бара фидбек и ги прибира во електронско портфолио, прегледува стотици домашни задачи. Ако наставникот има и сопствени деца кои се на школска возраст, тогаш работата се дуплира или триплира.
Веќе со право некои ученици одбиваат да ги извршуваат домашните задачи, проектите, одбиваат да се вклучат на он-лајн часовите, се исклучуваат и од работните групи. Психолошкиот притисок што им го правиме на децата е огромен. Треба да го имаме тоа предвид сите, зашто како носители на воспитно-образовниот процес сносиме одговорност пред се кон децата, а потоа и кон нас самите. Психичкото здравје на децата, но и на сите нас, нема цена и е поважно од било која наставна единица. Од која било домашна задача или проект, многу е поважно после оваа ситуација да излеземе психички здрави личности, отколку дали ќе ги напишеме сите домашни задачи и ќе ги реализираме сите наставни единици или ќе ги спроведеме сите тестови.
Затоа во оваа прилика би сакала пред се како психолог, но и како професор и родител, најдобронамерно да апелирам и до надлежните, но и до секој од нас вклучен во образовниот процес, да се однесуваме одговорно кон психичкото здравје на нашите ученици и наставниот кадар. Да направиме заеднички напори да го селектираме и реализираме само она што е најнеопходно од наставната програма, да ги редуцираме домашните задачи и обврски на децата само на најнеопходните, да не ги изложуваме на дополнителен стрес ни децата, ни родителите, ни наставниците, да не инсистираме на комплетна реализација на секоја наставна единица и сите заедно да придонесеме да се намали психолошкиот притисок кај секој од нас. Да ја спроведуваме он-лајн наставата толку колку што е потребно да се одржи одреден континуитет и динамика во воспитно-образовниот процес на децата и да се реализира само она што е круцијално.
Не би сакала да прејудицирам ништо, но психолошките последици допрва ќе ги чувствуваме. Како што стојат работите оваа состојба на светска пандемија ќе потрае подолго време и за тоа е потребно психички да се подготвиме да ја издржиме. Се позачестени ќе бидат и невротските реакции и психосоматските реакции и кај децата и кај сите, поради стресот и секојдневниот притисок. Физичкото и менталното здравје треба да ни бидат топ приоритети и затоа колку што можеме да го намалиме психолошкиот притисок и врз децата и врз наставниот кадар.