Психолошки тестови за пратениците, предложи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуровска

by fokus

Собранието на денешното продолжение на 46. собраниска седница го донесе Предлогот за изменување на Законот за животната средина.

Законските измени се однесуваа на укинувањето на психолошкиот тест, за именување на директор на Управата за животна средина и директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Овие тестови се укинаа како услов за вработување на државните службеници, но и на именуваните функционери.

ВМРО-ДПМНЕ реагира на укинувањето на психолошките тестови, нагласувајќи оти со тоа се отвора можноста за партизирање на администрацијата.

Според опозицијата не е точно дека во земјава нема релевантна институција, која може да го спроведува психолошкиот тест. Тоа може да го прави Агенцијата за државни службеници, која ќе стои зад психолошките тестови и тоа може да го направи бесплатно.

За истата проблематика пратениците расправаа и по Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на природата, со кој се врши промена во условите кои се однесуваат на именување на директор на јавната установа Национален парк со бришење на условот за положен психолошки тест.

Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ вели смета дека тестовите за именуваните функционери не треба да се укинуваат и забележа дека за ова требало да се отвори широка дебата со цел критериумите за вработување да се унапредат.

– Можеби треба да се договориме и да разговараме и за пратениците да воведеме психолошки тестови. Ова се практики, кои се користат во други напредни земји. Сето ова се прави, со цел да се партизираат институциите – рече Затуровска.

Според Жаклина Лазаревска од СДСМ најголема импровизација и грешка е ако се прават нестручни тестирања и врз основа на нив се изведуваат заклучоци за одредена оценка на личност.

– Тестот за интегритет или психолошкиот тест е укинат за да не се импровизира, затоа што не постојат лиценцирани стручни лица, кои би направиле посебни тестови за различни профили на работни места, рече таа.

За овој закон, како и за Дополнетиот предлог закон за измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства по расправата не се гласаше поради немање кворум

Поврзани новости