Психологот Стефанова за Фокус: Младите луѓе имаат многу прашања во врска со сексуалноста и потребно е отворено да се зборува

by Fokus

За воведување на сексуално образование кое одамна е планирано кај нас, најдобра возраст е влегувањето во адолесценција, од тринаесетата година па натаму. Тоа е исклучително важен период за младиот човек кога настанува осознавање на себе, градење на сликата за себе која го вклучува и сексуалниот идентитет. Сексуалното образование ќе помогне на структуриран и адекватен начин да им се пласираат информациите во врска со сексуалноста, половата и родова припадност, вели за „Фокус“ психологот Марија Стефанова од психолошкото советувалиште Петар Пан во Скопје
.
-Младите луѓе имаат многу прашања во врска со сексуалноста и потребно е отворено да се зборува за тоа. Првото место каде треба да отворат темите поврзани со сексуалноста уште од рана возраст, секако е семејството. Тие прашања во рамки на семејството, важно е да се одговорат на различен начин во зависност од периодот на развој на детето, т.е на младиот човек, појаснува таа.

Според Стефанова за младите луѓе е важно да ги осознаат разликите помеѓу физичката и психолошката зрелост за влегување во сексуални односи, градењето на блискост и интимност со врсниците, начините за заштита на нивното здравје со користење на заштита, но и со правото на сопствен став и согласност за влегување во полов однос итн. Со ова не само што ќе се надмине збунетоста на младите околу овие теми, туку и ќе се превенира и нивна злоупотреба.

-Постојано сме сведоци на такви случувања. Последните денови следам појава на реакции на страв кај некои од родителите на деца на помала возраст кои се последица на дезинформации околу возраста на децата кај кои е планирано да се воведе како предмет сексуално образование. На нив би им порачала да не се плашат од тоа отворено да зборуваат со своите деца и да им одговорат на соодветен начин во согласност со возраста на сите прашања што ги интересираат децата, а да остават на оние кои се стручни и професионални на темата да го дадат својот придонес за конечно на системско ниво да се направат реформи и сексуалното образование да влезе во рамки на образовниот систем, порачува Стефанова

По бројните реакции на родителите и поделеноста, токму околу воведувањето на предметот сексуално образование Мила Царовска, министерката за образование и наука,најави дека ова ќе биде изборен предмет во деветто одделение. Министерката со тоа демантираше дека овој предмет ќе биде застапен во второ одделение. Таа појасни дека во моментов се држи интензивна обука во четири пилот училишта.

Според министерката, сите анкети покажуваат дека и родителите, и учениците, и наставниците имаат потреба од овие теми во образовниот систем во погорните одделенија.

Соња Танеска

 

Поврзани новости