Психологот Милошева: Згрозена сум, Јавна соба е срам за постоењето на неказнивоста!

by Fokus

Последните случувања со „Јавна соба“, но и апликацијата Тик ток на нозе ја кренаа јавноста во Македонија и се уште се бараат одговори за таквото однесување на луѓето. Револтот расте, а надлежните институции се чини дека бавно си ја вршат работата.

Клиничкиот психолог и РЕ&КБТпсихотерапевт, Ленче Милошева во разговор за „Фокус“, даде свое гледиште за целата ситуација на која беше сведок македонската јавност.

Постои една многу мудра изрека: „Технологијата е добар слуга, а лош господар!“Тоа значи дека Тик ток има позитивни, но и многу негативни страни. Сакаме да бидеме видени, прифатени, сакаме пред самите себе и другите да покажеме дека вредиме, не сакаме да сме невидливи, безвредни, неприфатени и тоа се едни од нашите човекови, базични психолошки потреби. Станува збор за изградени јадровни уверувања или ментални шеми, обоени со ментално искуство како се доаѓа до внимание и цел. Во периодот пубертет, адолесценција, потребата да се биде прифатен, посебно од врсниците е доминантна. Врсниците стануваат поважни од семејството. Влијанието на модерната дигитална технологија поставува нови правила на прифаќање или отфрлање Токму поради тоа, семејството треба да биде „будно“ и да најде начин да ја одржи близината, да има увид, со цела почит кон приватноста на адолесцентот“, вели Милошева.

Вакви појави постоеја и пред пандемијата на корона вирусот, но останува отворено прашањето во која насока се оди со ваквото однесување.

Звучи парадоксално, но многу негативни емоции како: бес, тага, лутење, агресија се само природен одговор на неприродни околности. Здраво е да си дозволиме да ги освестиме и почувствуваме емоциите, но многу поважно е да знаеме како да се носиме со нив, кога ќе не преплават. Важно е наместо привидни позитивни механизми на справување како на пример „бегство“ или „замрзнување“ или „нецелисходна борба“, да користиме здрави механизми. Непочитување на мерки за заштита, чин на демонстрирање на некоја храброст и пркосење со Тик ток видео, е само палета на користење на нездрави механизми на носење со негативни емоции. Важно е како одговараме на ситуацијата, колку сме резилиентни. Истражувањата во светот покажаа поврзаност на Ковидот-19 со последици за менталното здравје“, вели нашата соговорничка.

Состојбата со „Јавна соба“ како да дотури бензин врз огнот на и така разгорените страсти во општеството. Милошева не е изненадена од ваквата појава.

Клучот е во „неказнивоста“ во нашето општество на злоупотреба на приватноста на личноста. Ние сме сведоци на разни варијанти на Јавна соба. Лажни портали кои се само ФБ страни без импресум, кои секојдневно објавуваат сесксистички, деградирачки, понижувачки објави, посебно за жени/девојчиња кои се атрактивни или успешни. И тоа е Јавна соба и срам за постоењето на „ неказнивоста“. Тоа не е демократија и слобода на говор! Штетата е за сите нас, граѓаните на оваа земја и не прават да се чувствуваме психолошки несигурни. Не треба да сте од мојата фела да се запрашате каква личност може да се сокрие зад анонимен профил и да уништува живот на други личности, а дома спокојно да седи со својата сопруга и ќерка, а во јавноста да глуми примерен граѓанин. Сметам дека никој од нас не треба да вперува прст кон некој што е повреден и злоупотребен. Не треба да дозволиме двојна виктимизација. На сите девојчиња и жени на кои им е злоупотребена приватноста, треба да им пружиме огромна емпатија и поддршка и заштита и да има кажеме едно големо „браво“ што смогнаа сила да проговорат. Ме радува што се отворени и линии за психолошка помош“, анализира Милошева.

Сега останува институциите соодветно да ги казнат сите кои се однесуваат непристојно на социјалните мрежи, а пред Македонија е голема и тешка задача – да се насочат младите кон вистинските вредности во едно општество.

На воспитанието треба да се гледа како на градење на доблести, карактерни црти, интегритет, развој на личност. Мозокот е најеластичен во првите години, најмногу можеме да направиме токму тогаш. Понатаму, исто и во основно и средно образование. Молчењето и наведната глава никогаш не биле „злато“, бар не за мене. Искуствата и во разни земји покажале дека постојат разни механизми да се замолчат жртвите. Но, постојат и храбри луѓе кои умеат да го покренат гласот кога треба! Нашите деца знаат да набубаат фактографски факти, но не ги учиме и како да учат и мислат, како да го кренат гласот кога се повредени и молчат, а ние не знаеме. Многу важен фактор е семејството. Јас навистина верувам дека само на квалитетно образование, здрави (ментално и физички) деца и млади се гради и здраво општество. Не постои формула за тоа, но постои подготвеност од сите нас да научиме како да се заштитиме и бориме, за себе, нашите деца и оние кои не умеат сами да се заштитат“, го заврши разговорот Милошева.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости