Психологот Чучкова: За да почувствуваат поврзаност со огнот, пироманите сами ги повикуваат пожарникарите

by Fokus

Во изминатите денови Македонија е зафатена од силни пожари, а повеќето од нив се случиле поради човечки фактор и МВР веќе уапси неколку осомничени лица за вакво дело.

Психологот Ана Чучкова за „Фокус“ говореше за пироманијата, состојба која се актуелизира во летните месеци од годината и за проблемите кои тие луѓе ги имаат.

Не секогаш лице кое подметнува пожар ја носи дијагнозата „пироман“. Пироманијата е сериознo нарушување на менталното здравје коe се карактеризира со повторливо палење на огнови. Луѓето со пироманија се чувствуваат неспособни да го контролираат своето однесување и желбата за уживање во огнот. Неконтролираното палење кај овие лица ослободува внатрешна напнатост и му дава на лицето наплив на задоволство. Најчесто задоволството го изживуваат не само од предизвикување на пожарот туку  и од набљудување во целиот процес т.е разгорување, ширење, уништување на запалениот имот и гаснење“, вели Чучкова.

Има ситуации, додава таа, кога подметнувачите на пожарот сами ги повикуваат противпожарните екипи, само со една цел.

Лицето кое што има симптоми на оваа манија имаат нарушување во делот на контролата на импулсот . Многу често овој импулс се задоволува и се чувствува олеснување при: набљудување на огнови, палење противпожарни аларми, сирени, набљудување гасење на пожари во соседството. Општа фасцинираност од се што е поврзано со огнот. Криминологијата најчесто бележи пироманија во урбани средини. Најчесто лицето со овие симптоми подметнуваат пожари и сами ги повикуваат пожарникарите, а во полесни случаи и со лажни повици, за да почувствуваат поврзаност со огнот“, додава таа.

Важно е да се знае, смета нашата соговорничка, дека луѓето со ова сериозно нарушување не палат огнови за да добијат пари или било каква материјална добивка. Тие не се обидуваат да прикријат криминална активност, да се одмаздат или да ја подобрат својата животна состојба.

Криминалистите кои работат со лица кои намерно предизвикале пожар мора да бараат детален извештај за личноста пред да донесат заклучок дека станува збор за дијагноза пироманија или предизвиканиот пожар е од други побуди (заработка, одмазда, тероризам и слично). Во едниот случај лицето се испраќа на посебен третман и лекување, а во другиот кога недостига дијагноза пироманија лицето се терети за криминал“, го заврши разговорот Чучкова.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости