Во овој момент оптимално решение е да се продолжи со онлајн настава. Оптимално решение ако на прво место ја ставиме пандемијата и да го заштитиме здравјето на нашите деца и на повозрасните. Ако тргнеме од тоа, единствено безбедно решение е наставата да се организира онлајн.
Ова во интервју за МИА го нагласи доц. д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, претседателка на Комората на психолози со која говоревме за наставата во екот на пандемијата, за психолошката состојба на децата и родителите во овој период, за недостигот од социјализација, како и за придобивките и загубите од дигитализацијата.
Според Јовановска-Стојановска, примарно е емоционалното и менталното здравје на децата да биде сочувано, односно наставниците да се обучат за да го прилагодат начинот на комуницирање со децата.
Таа посочува дека онлајн наставата има свои предности, бидејќи децата ќе можат од дома, во една сигурна средина да учат и да ја следат наставата. Од друга страна, смета дека ќе има помалку социјализација, децата нема да имаат директен контакт ниту со наставниците, ниту со врсниците да го совладаат подобро материјалот.
– Ќе изгубат, нема да добијат некои работи, но од друга страна ќе го зачуваат здравјето, животот на своите блиски, на луѓето на кои им треба помош, нагласува таа.
Од психолошки апсект, таа информира дека во овој период кај родителите има промени во однесувањето, во начинот на живеење, што довело до тоа да се случат внатрешни промени кај нив, да се појават стравови, да се случат психолошки проблеми во секојдневното функционирање. Во исто време, како што појаснува Јовановска-Стојановска за МИА, родителите требаше да извршуваат една многу важна функција, односно да бидат и воспитувачи, и учители на своите деца, а во исто време да се справуваат со тоа што го носат внатре во себе.
Според нејзе многу е важно што мислиме, како понатаму ќе живееме и какви одлуки ќе донесеме. Ние или децата, вели таа, не сме престанале да се социјализираме, само што кругот на луѓе е многу стеснет.