За првпат во историјата на неврохирургијата во нашата држава, направивме awake brain surgery. Операцијата ја изведовме кај млада пациентка која имаше тумор блиску до центрите за говор и движење на десната рака и нога.
Ова меѓудругото на Фејсбук го напиша поранешниот министер за здравство, доктор Венко Филипче.
„Предноста на аwake brain surgery е поради неопходната соработка која хирургот ја има со пациентот додека трае операцијата. За да се отстрани максимална количина на тумор без да се оштетат центрите за говор и движење хирургот комуницира со пациентот. Мозочното ткиво не содржи рецептори за болка, па самиот тек на операцијата е безболен. Кај нашата млада пациентка операцијата помина одлично. Туморот е изваден до максималните можни граници и пациентката се осеќа добро. Им честитам на тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и упатувам благодарност до колегата д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград. Драго ми е што моите млади колеги имаа голем интерес и желба да бидат повторно мој верен тим во операционата сала“, напиша Филипче на социјалната мрежа.