Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вечерва ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија каде на пациентот Мухарем Реџепи (54), татко на шест деца, му е вградено вештачко срце.
Во овој случај, кај пациент со тешка срцева слабост, е ставен уред кој е еден тип на механичко срце вграден во левата комора. Тоа ја всисува крвта од левата комора и преку една протеза ја носи во аортата. Мала е, бесшумна, трајна е и се наоѓа внатре, а од надвор е само батеријата која ќе се менува за таа да работи. Операцијата, која траела два ипол часа, ја извел тимот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Тимот доктори се задоволни од операцијата, а пациентот е во добра состојба.
Според премиерот, придобивките од овој зафат се огромни. Најголемата придобивка е пренесеното знаење на нашите доктори-специјалисти кое ќе можат да го применуваат во иднина.
Нагласи дека се заштедени и огромни финансиски средства на Фондот.
– Ваквите операции, на пример во Германија чинат 340-350 илјади евра, а севкупните трошоци овде не поминуваат повеќе од 120.000 евра. Ова претставува унапредување на севкупниот здравствен систем во Република Македонија, рече Заев и ги охрабри сите лекари и директорите на клиниките да го следат овој тренд.
Министерот Филипче изјави дека уште ова е една нова метода што се имплементира во нашето јавно здравство.
– Ова е еден модел на едукација на нашите лекари од страна на странски лекари што ни дава одлични резултати во смисла и на заштеда, но и сериозно надградување на знаењето на нашите експерти, рече Филипче. Тој изрази надеж дека сите работи што ги преземаат во здравството како инвестицијата во платите, во дежурствата ќе ги задржи нашите лекари во Македонија.
Со овој уред се живее нормален и квалитет живот, кој се продолжува за 10-15 години.