Првоодделенчиња

by Фокус

Општо познато е дека „во оваа држава“, единствено континуитет во опстојувањето имаат криминалот и корупцијата. Затоа и тој и таквиот пристап кон претходната власт повеќе личи на создавање „бришан“ простор за нов налет на криминал и корупција отколку израз за искрена, чесна и принципиелна борба против криминалот и корупцијата, независно од тоа кој е нејзиниот носител, како во индивидуален, така и во партиски поглед.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Кога одите во Софија, било тоа да е на пиење кафе, гостување на Македонската опера и балет или, пак, во работна и официјална посета, секогаш треба да се биде подготвен на ваква или таква провокација.

Времињата и луѓето се менуваат, но официјалната политика на Бугарија кон Македонија секогаш го имала и ќе го има духот на Сан Стефано.

Оттаму, во право е претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, дека впишувањето на Бугарите во Уставот на државата не е вистинската цел на нашата источна сосетка.

Но, очигледно, или не знае, или нема храброст да каже дека вистинската цел на впишувањето на Бугарите во Уставот е создавањето на институционалните услови, во некои извесни времиња, една уставно определена категорија на граѓани да ја повикаат Бугарија да ја „ослободи“ или, пак, да ја „присоедини“ Република (Северна) Македонија кон својата матица.

Тоа е извориштето на тезите за „заедничката“ историја, за „заедничкото“ одбележување на годишнините на македонските историски личности, за македонскиот јазик како „дијалект“ на бугарскиот јазик итн.

ФУНКЦИОНЕРСКА „ПАМЕТ“

Но, за жал, тоа не е вистинскиот проблем на граѓаните на РС Македонија и Македонците денес!

Вистинскиот проблем е што во овие изминати триесетина години, секоја нова власт (влада) веднаш штом ќе заседне во министерските и во сите други фотелји, прогласува дисконтинуитет со сето она што е направено (и добро и лошо) во минатото. Притоа, неизоставни се обвинувањата за криминал и корупција од „епски“ размери, неспособност, партизација на државата итн.

Не дека не е така! Општо познато е дека „во оваа држава“, единствено континуитет во опстојувањето имаат криминалот и корупцијата. Затоа и тој и таквиот пристап кон претходната власт повеќе личи на создавање „бришан“ простор за нов налет на криминал и корупција отколку израз за искрена, чесна и принципиелна борба против криминалот и корупцијата, независно од тоа кој е нејзиниот носител, како во индивидуален, така и во партиски поглед.

Таквиот пристап во практикувањето на политиката, сакал некој или не, неминовно создава дисконтинуитет во функционирањето и развојот на државата и општеството, односно и одново враќајќи го на неговите почетни позиции.

Затоа стоиме во место! Поточно, секоја нова влада ги доведува граѓаните во позиција одново и одново да бидат првоодделенчиња. Наспроти нив, пак, секоја бараба што станала министер, директор, односно фактор на власт, веднаш штом ќе седне во фотелјата, мисли дека станал многу паметен и бистар зашто, нели, за него гласале „мнозинството“ граѓани.

ДРЖАВА ИЛИ ПАРТИСКО БУНИШТЕ

Што граѓаните и државата во целина добиваат од таквиот однос на партиите и нивните кадри кон граѓаните како поединци и општеството како заедница!?

Апсолутно ништо! Или, поточно, секојдневно малтретирање на психолошка, социјална, економска, финансиска и каква ли не основа. Станува збор за гол партиско-политички циркус, од кој граѓаните само губат.

Време е ДПМНЕ, СДСМ, ВРЕДИ и ДУИ да размислат кон што водат и кој е општествениот резултат од нивните секојдневни меѓусебни критики, препнувања, дезинформации, сопнувања, обвинувања од сиот оној арсенал на политички примитивизам што секојдневно го практикуваат.

За волја на вистината, тие од секогаш и така гледаат кон граѓаните и државата – како на ниско буниште на кое можат да прават што сакаат и како сакаат. Ама, за нивна жал, не до кога сакаат!

Продолжувањето на таквата политичка практика не значи ништо друго отколку дека имињата и презимињата, „лидерите“ и политичките партии се менуваат, ама, суштински гледано, методологијата, облиците, содржината и целите на политиките остануваат.

Поврзани новости