Господине Николовски, примете честитки по повод петгодишниот јубилеј на Триглав пензиско друштво! Да споделиме интересен факт, во Триглав пензиско друштво сте првиот вработен, но и првиот лиценциран агент, додека во реформираниот пензиски систем сте вклучен уште од 2005 година. Од аспект на вашето долгогодишно искуство, како го цените работењето на Триглав пензиското друштво во изминатите пет години?
НИКОЛОВСКИ: Триглав пензиско друштво почна со работа во месец април, 2019 година, со што Групацијата Триглав ја потврди својата посветеност кон македонскиот пазар, на кој успешно функционираат осигурителните друштва Триглав осигурување АД Скопје и Триглав осигурување живот АД Скопје.
Како прво новоформирано пензиско друштво, тринаесет години по стартот на пензиската реформа, горди сме што успеавме да го раздвижиме пазарот, да развиеме широка мрежа на лиценцирани агенти и да ја стимулираме комуникацијата меѓу пензиските друштва и членовите на фондовите, во насока на доближување на функционирањето на пензиските фондови до пошироката македонска јавност.
Понудата на алтернатива, кога е во прашање управувањето со пензиските заштеди, сама по себе е придобивка за целиот систем, кој се темели на конкурентска основа, особено кога се работи за реномиран бренд каков што е Групацијата Триглав.
Задоволни сме од постигнатите резултати и од сѐ поголемиот број членови што ни укажуваат доверба, пренесувајќи ги своите пензиски заштеди во фондовите со кои управуваме.
На пазарот на капитално финансирано пензиско осигурување влеговте како нов играч во 2019 година, каде што веќе функционираа други две пензиски друштва, односно КБ Прво пензиско друштво и Сава пензиско друштво. Можете да ни кажете како најмладо друштво што ве разликува од конкуренцијата?
НИКОЛОВСКИ: Системот на капитално финансирано пензиско осигурување функционира во строго регулирани законски рамки, вклучително и во делот на критериумите што треба да се исполнат за добивањето дозвола за работа како друштво за управување со пензиски фондови. Супервизор на системот е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, која ја контролира работата на пензиските друштва и пензиските фондови, односно се грижи за заштита на правата на членовите во пензиските фондови.
Во вака регулирана средина, фокусот на нашето работење е поставен кон разумно, ефикасно и транспарентно управување со пензиските заштеди на нашите членови, овозможувајќи притоа подобро корисничко искуство.
Преку остварување стабилен принос од инвестирањето на средствата во фондовите, целиме да дадеме придонес кон оплодувањето на заштедите на нашите членови.
Дополнително, развиваме современи дигитализирани решенија, со кои на нашите агенти им ја олеснуваме комуникацијата и нивната достапност, а за членовите овозможуваме пристап и увид во нивните пензиски заштеди во секое време. Од особена важност ни е поддршката што ја даваме на нашето членство во однос на нивното „зближување“ со пензискиот систем, навременото планирање, создавањето повеќе извори на пензија, како и остварувањето на сите права што се поврзани со членството во пензиски фонд.
Во тој контекст би најавил дека нашите членови наскоро ќе може да ја преземат мобилната апликација, која ја развиваме во насока да биде едноставна за користење, на начин што овозможува секој корисник да ја „има в џеб“ својата пензиска заштеда и каналот за непосреден контакт со нашите служби за поддршка.
Една од главните задачи на Триглав пензиско друштво е управување со средствата на членовите и нивно инвестирање. Колку изнесуваат средствата под управување на фондовите со кои управува Триглав?
НИКОЛОВСКИ: Пензиската заштеда по пензиските сметки на членовите се формира од уплатените придонеси или преноси по друг основ, како и од остварениот принос од инвестирањето на тие средства што го врши Триглав пензиско друштво преку своите стручни лица и воспоставената инфраструктура.
Во моментов се грижиме за заштедите на над 60.000 членови во пензиските фондови со кои управуваме, а кои заедно имаат акумулирани средства од речиси 170 милиони евра.
Земајќи ги предвид трендот на континуиран раст на членството и уплатите, како и тековните состојби на пазарите на капитал, очекуваме до крајот на оваа година да го надминеме износот од 200 милиони евра средства под управување.
Како Триглав ја промовира финансиската писменост кај младите луѓе, особено кога станува збор за развивање на нивните вештини и знаење за активно учество во процесот на донесување инвестициски одлуки кои ја обликуваат нивната иднина?
НИКОЛОВСКИ: Умешноста и дисциплината во управувањето со личните финансии, добрите финансиски навики, вклучително и навременото и тековно планирање на пензијата се способности што секој современ млад човек би требало да ги развива континуирано, со цел да биде подготвен и полесно да ги надминува предизвиците што го очекуваат од моментот на неговото финансиско осамостојување.
Во денешно време, потребните информации се лесно достапни секому, па оттука нашите активности преку континуирани објави, кампањи и непосредна комуникација, имаат за цел да повикуваат, да потсетуваат за овие потреби, односно да поттикнуваат интерес за една област, која е навидум неатрактивна за младите, но како одминува времето, станува сѐ поприсутна тема за дискусија и среќни сме што можеме да бидеме партнери со нашите членови и со пошироката јавност низ сите фази на еден работен век.
Според вас, кога е најдобро време да се почне со дополнително штедење за пензионерските денови, конкретно со вложување во третиот пензиски столб?
НИКОЛОВСКИ: Кога станува збор за долгорочна цел, како што е планирањето на пензиските приходи, две компоненти играат клучна улога од аспект на секој поединец – времето што го има на располагање и капацитетот за одделување средства на редовна основа.
Многумина го одложуваат почетокот, мислејќи дека им е потребен поголем износ за да почнат со штедење и со тоа чинат ненамерна, но значајна грешка. Основното правило кај инвестирањето е дека колку е подолг временскиот период, толку поголемо влијание има ефектот на акумулација на остварените приноси, без разлика на висината на поединечните уплати. Кажано поедноставно, колку подолго се вложени средствата, толку е поголема веројатноста заработката од инвестирањето да го надмине уплатениот износ.
Оттука, бидејќи износот на пензиската заштеда се создава од уплатените придонеси и остварениот принос од инвестирањето, препораката е да се почне што е можно порано и по можност средства да се вложуваат на редовна основа.
Најлесен начин да го постигнете тоа е да активирате „траен налог“, со што одговорноста за редовноста на уплатите и постепеното акумулирање на повисока пензиска заштеда ќе ја пренесете на вашата банка.
Градењето доверба е клучно во индустријата за финансиски услуги. Како Триглав пензиското друштво ја негува и развива довербата кај пошироката јавност?
НИКОЛОВСКИ: Во Триглав пензиско друштво сме свесни дека нашите вработени и нашите агенти се лицето на компанијата и доколку тие отсликуваат задоволство од тимот во кој припаѓаат, истото ќе се пренесе и кон нашите членови, соработници и сите останати кои се вклучени во нашето секојдневно функционирање.
Посветуваме големо внимание на едукацијата, надградбата и можностите за кариерен напредок и, секако, трудот и постигнатите резултати, како на вработените, така и на агентите, да бидат соодветно ценети и наградувани.
Како пензиско друштво и промотор на пензиската свесност, покрај останатите придобивки од работен однос, особено сме горди на дополнителната пензиска шема што ја организираме за нашите вработени, преку која секој вработен добива основен придонес и дополнителна стимулативна уплата, во зависност од својот личен придонес во доброволниот пензиски фонд.
Логиката е едноставна – добрата енергија во тимот се пренесува на сите останати.